Прецизното наводнување е веќе тука

Компанијата S’Smart Farming Technologies го инсталираше и го надгледува првиот систем за прецизно наводнување во нашата земја. Системот веќе неколку месеци функционира автономно, самостојно донесувајќи одлуки за тоа кога треба да се наводнува и колкава количина вода е потребна при секое наводнување. Станува збор за систем за наводнување капка по капка, кој опфаќа површина од 75 хектари насади со лешници.

Наводнувањето со ова решение е целосно автоматизирано и се извршува во оптимално време, со оптимална количина вода, што го прави прецизно и еколошки одржливо. Покрај стандардната опрема за наводнување капка по капка, системот е опремен и со потребната опрема за фертигација (прихрана преку системот за наводнување) и автоматизација, вклучувајќи електрични вентили, контролери за пумпи и соодветни контролни уреди.

Дополнително, системот е поврзан со агрометеоролошките станици на xFarm, кои ги следат сите услови во насадот, вклучувајќи ја и влажноста на почвата. Системот е опремен и со мерачи на протокот на вода, кои овозможуваат навремено откривање неправилности во неговото функционирање, како што се затнати капалки или истекување вода поради оштетувања на мрежата за наводнување. Врз основа на овие информации се преземаат итни мерки за одржување и отстранување на дефектите.

Сите податоци се пренесуваат до информациската платформа на компанијата, каде што се обработуваат и се донесуваат одлуки за обезбедување оптимални услови за раст и плодоносење на растенијата.

Покрај тоа, платформата им нуди на корисниците поддршка при донесување одлуки за примена на средства за заштита на растенијата, ѓубрење, како и можност за водење евиденција за извршените агротехнички активности, следење на трошоците и пресметување на производната цена на производите.

Ова решение не е само дигитално, паметно и прецизно, туку придонесува и за намалување на производствените трошоци и постигнување одлични резултати во однос на приносите, квалитетот на производите и остварените приходи.